Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја поздрави одлуката на американскиот Врховен суд да ги поништи царините што претседателот на САД, Доналд Трамп, ги воведе минатата година, нагласувајќи дека е добро да има контрола и рамнотежа во владеењето на правото и демократијата.
„Не е лошо да постои Врховен суд и владеење на правото во демократијата“, рече Макрон и додаде дека Франција ќе ги разгледа последиците од глобалните царини од 10 отсто што Трамп ги воведе синоќа, пренесува Ројтерс.
Доналд Трамп, пак, порача дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите по поништените царини и ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на мерките, нарекувајќи ги „нелојални“ и потенцијално под влијание на странски интереси. Тој исто така најави и отворање на истраги за заштита на САД од некоректни трговски практики на други земји и компании.







