Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија во блиска иднина не е можно.
„Пристапувањето на 1 јануари 2027 година не доаѓа предвид. Тоа не е можно“, рече Мерц по разговорите со коалициските партнери во Берлин.
Секоја земја што сака да се приклучи на ЕУ прво мора да ги исполни Копенхашките критериуми, процес што обично трае неколку години, истакна канцеларот.
Сепак, тој нагласи дека на Украина ѝ е потребна перспектива што ќе го отвори патот за пристапување на долг рок.
„Можеме постепено да ја доближиме Украина до Европската Унија за време на овој процес“.
„Тоа е секогаш можно, но толку брзо пристапување едноставно не е изводливо“, додаде Мерц.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори барањето на неговата земја за членство во ЕУ уште во 2027 година.
„Пристапувањето на Украина во Европската Унија е една од клучните безбедносни гаранции не само за нас, туку и за цела Европа“, напиша тој на платформата Икс по телефонскиот разговор со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Колективната сила на Европа е можна, особено благодарение на безбедносниот, технолошкиот и економскиот придонес на Украина“, истакна Зеленски.







