Нема да биде екстрадиран: Ацо Боцевски 28 години по убиството живее во Грција и издава соби

Солунскиот жалбен совет одлучи да не го екстрадира во Македонија 60-годишниот Ацо Боцевски, познат под прекарот Циганот, осуден на повеќегодишна затворска казна за убиство што го извршил пред 28 години во земјава, по што побегнал во Грција, јавуваат грчките медиуми.

Тој беше притворен и уапсен во Катерини во мај, по европска потерница. Судските власти од Македонија бараа негова екстрадиција за да отслужи 15-годишна затворска казна за кривично дело извршено во ноември 1997 година, а жртвата била 37-годишник.

Боцевски беше осуден за убиство на Сеат Ибраими, извршено среде бел ден во ноември 1997 во центарот на Скопје. На убиството му претходела кратка автомобилска брканица низ скопските улици, по што Ибраими, возејќи „мерцедес“, излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“ на улицата 11 Октомври. Боцевски, застанал зад него, излегол од возилото, и го застрелал Ибраими со повеќе истрели.

„Тој самиот, преку своите адвокати, изјави дека во тоа време служел во личната гарда на тогашниот претседател на земјата, Киро Глигоров, и тврдеше дека бил цел на напад од политички причини“, пишува Ин.гр.

Според неговите тврдења, тој бил затворен 90 дена, а потоа ослободен, по што побегнал со пасош и се населил трајно во Грција.

„Водам бизнис со соби за издавање во Пиерија“, рекол тој, меѓу другото, кога бил повикан да се појави пред Одборот за жалби, за време на расправата.

Оценувајќи дека казната застарила поради истекот на 20 години, според грчкото кривично право, судиите на Советот го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Македонија.

Scroll to Top