Норвешката војска објави дека илјадници граѓани ќе добијат писма во кои се наведува дека нивните домови, возила, чамци и машини може привремено да се конфискуваат во случај на војна.
Во соопштението се наведува дека писмата немаат практично влијание во мирновременски услови, освен што ги информираат сопствениците дека војската може да го преземе нивниот имот во случај на конфликт, објавува „Јуронјуз“.
„Целта на реквизициите е да се обезбеди дека, во воени услови, вооружените сили имаат пристап до ресурсите потребни за одбрана на земјата“, се наведува во соопштението на војската.
За 2026 година ќе бидат издадени околу 13.500 подготвителни барања, а секое барање важи една година.
Околу две третини од писмата планирани за 2026 година претставуваат обновување на барањата од претходните години.
„Важноста на подготвеноста за кризи и војна драматично се зголеми во последните години“, рече раководителот на воената логистичка организација, Андерс Јернберг.
Тој изјави дека Норвешка се наоѓа во најсериозна безбедносно-политичка ситуација од Втората светска војна и дека општеството мора да биде подготвено за безбедносно-политички кризи, а во најлош случај за војна, со значително зајакнување на воената и цивилната подготвеност.
Норвешка, еден од основачите на НАТО, ја зајакна својата одбрана во последните години, истакнува гореспоменатиот портал.
Норвешка дели поморска и копнена граница од 198 километри со Русија.







