Огнените прскалки на шишиња шампањ најверојатно го запалиле барот: повредените транспортирани во повеќе европски земји на лекување

Во пожарот што избувна во скијалиштето Crans-Montana загинале најмалку 40 лица, а повредени се вкупно 119 лица, од кои 113 веќе се формално идентификувани, соопштија надлежните власти на денешната прес-конференција.

Челникот на локалната власт на кантонот Вале, Mathias Reynard, изјави дека околу половина од повредените се згрижени во болниците во Вале, додека приближно 50 лица се префрлени или ќе бидат префрлени на лекување во други европски земји, во специјализирани центри за третман на изгореници.

Како што информираше Рејнард, веќе е воспоставена комуникација со францускиот министер за здравство и започнати се трансфери на пациенти кон болници во Франција, а швајцарските здравствени власти добиле понуда за помош и од Италија, по што дел од повредените ќе бидат префрлени во северниот дел на земјата.

Заповедникот на кантоналната полиција, Фредерик Гислер, соопшти дека меѓу повредените има 71 швајцарски државјанин, 14 Французи, 11 Италијанци, четири државјани на Србија, еден државјанин на Босна и Херцеговина, како и државјани на Белгија, Луксембург, Полска и Португалија. Повредени се и 14 лица од азиски земји. Во процесот на идентификација, швајцарската полиција соработува со властите на повеќе држави, меѓу кои Франција, Белгија, Полска, Португалија, Србија, Турција, Романија и Филипините. Претходно, портпаролката на Владата, Марија Митева, го потврди присуството и на македонски државјанин во клубот.

Државната обвинителка на кантонот Вале, Beatrice Pilloud, изјави дека истрагата интензивно продолжува и дека според досегашните сознанија, пожарот најверојатно започнал од прскалки, односно бакли, поставени на шишиња шампањ, кои биле приближени до таванот, по што дошло до таканаречен „флешовер“ и исклучително брзо ширење на огнот.

Таа додаде дека се обезбедени видео-снимки и дека се испитани повеќе лица, меѓу кои и двајца француски управители на барот. Како што наведе, ќе се утврдува дали постои кривична одговорност, а доколку тоа се потврди, ќе бидат отворени истраги за предизвикување пожар од небрежност, убиство од небрежност и нанесување телесни повреди од небрежност.

Надлежните служби нагласија дека бројките се привремени и може да се менуваат како што ќе напредува процесот на идентификација.

Scroll to Top