Градскиот совет на Одеса, третиот по големина град во Украина, оваа недела треба да одлучува за предлог со кој би се забраниле содржини на руски јазик во јавниот простор. Предлогот е особено значаен бидејќи во Одеса рускиот јазик е широко распространет, објави Би-Би-Си.
Забраната би се однесувала на содржини на руски јазик, од музика до литература, на улиците, во парковите, јавните институции и културните и забавните објекти во државна сопственост. Книгите на руски јазик би требало да бидат отстранети од полиците на јавните библиотеки. На приватните објекти би им било препорачано да ја применуваат истата мерка, но тоа за нив не би било задолжително.
Адвокатот од Одеса, Артем Карташов, кој ги советувал локалните власти за програмата за „деколонизација“ на градот, го поддржува предлогот.
„Рускиот јазик е руско оружје и тоа мора да го исправиме“, изјави тој, оценувајќи дека преку музиката и другите содржини на руски јазик се врши влијание врз украинскиот идентитет, особено врз младите.
На предлогот се спротивставува комичарот Борис Барски, еден од најпознатите забавувачи во Одеса.
„Рускиот не е само јазикот на Путин, туку и јазикот на Достоевски и Булгаков“, рече Барски, прашувајќи кому му користи создавањето поделби меѓу луѓето кои ја сакаат Украина, но зборуваат на различни јазици.
Украинскиот е единствениот службен јазик во земјата. Законот од 2019 година предвидува негова употреба во образованието, јавните служби и услужните дејности. Келнерите, продавачите и лекарите, на пример, прво треба да им се обратат на клиентите на украински, а потоа можат да преминат на руски доколку клиентот го побара тоа.







