Од музејот Лувр украдени над 8.000 дијаманти и 200 бисери: Откриени нови детали за грабежот на векот

Над 8.000 дијаманти и повеќе од 200 бисери, со вкупна вредност од околу 88 милиони евра, биле украдени за време на пљачката на музејот Лувр во октомври, откриваат нови детали од истрагата до кои дошла француската телевизија БФМТВ.

Според наводите од истрагата, двајца осомничени, означени како XH1 и XH2, на 19 октомври во 9:24 часот наутро упаднале во Галеријата Аполон, откако со брусилица го скршиле прозорецот. Целата акција траела помалку од четири минути.

За време на пљачката биле украдени драгоцени камења од осум изложени парчиња накит – вкупно 8.482 дијаманти, 35 смарагди, 34 сафири и 212 бисери.

XH1 носел црна фантомка, темна јакна и црни ракавици, додека XH2 бил со сив шлем. Двајцата крадци го зграбиле накитот и го ставиле во торба и во џебовите.

По пљачката, XH1 и XH2 се спуштиле, додека уште две лица ги чекале на Кејот Франсоа Митеран, кој се наоѓа покрај десниот брег на реката Сена, непосредно до музејот Лувр.

Потоа сите четворица побегнале со скутери.

Двата скутери се упатиле јужно од Париз кон локација каде што наводно ги чекало мистериозно бело комби, кое никогаш не било пронајдено и за кое се сомнева дека било користено за транспорт на накитот. Четворицата осомничени потоа се поделиле во две групи – две лица на скутерите и две во комбито; едната група се упатила кон западниот, а другата кон источниот дел на Париз.

Француската полиција, врз основа на ДНК траги пронајдени на местото на злосторството и на напуштената опрема, идентификувала и уапсила четворица осомничени, на возраст меѓу 30 и 40 години.

Сите се обвинети и се наоѓаат во притвор, а според законот се сметаат за невини додека не се докаже нивната вина.

Украдениот накит сè уште не е пронајден.

Scroll to Top