Од социјални мрежи до убиства: како криминалната мрежа „Фокстрот“ ги користи младите како извршители

Криминалната мрежа „Фокстрот“, која шведските и европските безбедносни служби ја поврзуваат со серија убиства и напади, разви модел во кој тинејџери се регрутираат преку интернет и се користат како извршители на нарачани ликвидации, пишува Би-би-си.

Според анализи на европските истражители, мрежата од 2022 година се поврзува со околу 35 убиства, како и со повеќе напади и обиди за напади врз израелски цели во Европа.

Еден од случаите што го илустрира начинот на работа на групата е убиството на 20-годишниот Мурад Абделкадер во предградие на Стокхолм. Напаѓачот бил 18-годишниот Атила Азимов, кој, според истрагата, убил погрешeн човек по нарачка на мрежата.

Европската полициска оперативна група GRIMM, формирана од Европол за борба против овој вид криминал, наведува дека тинејџерите најчесто се врбуваат преку социјални мрежи, а целиот процес е организиран така што наликува на видео игра – со инструкции, задачи и награди.

„Фокстрот“ ја предводи Рава Маџид, кој според шведските власти се наоѓа во Техеран. Шведски истражители тврдат дека дел од нападите на мрежата биле поврзани со интересите на иранскиот режим, особено против дисиденти, критичари на властите и израелски цели.

Меѓу случаите кои го привлекоа вниманието на властите е и оној на норвешкиот тинејџер Јоханес Натланд, кој бил ангажиран преку интернет да изврши убиство во Велика Британија. Според истрагата, тој добивал инструкции преку апликацијата Signal, а бил воден низ целиот процес како лик во видео игра.

Експертите предупредуваат дека младите извршители често не добиваат пари, бидејќи се апсат пред да ја завршат задачата. Според истражувачкиот новинар Дијамант Салиху, токму тоа е дел од стратегијата на мрежата – да користи сè помлади лица кои полесно се манипулираат и се подготвени да преземат ризици.

Европската оперативна група GRIMM досега опфати 11 земји погодени од овој феномен, меѓу кои Шведска, Норвешка, Данска, Финска, Германија, Франција, Холандија и Велика Британија.

Иако властите спроведоа повеќе од 280 апсења и уапсија неколку клучни лица поврзани со мрежата, безбедносните служби предупредуваат дека моделот продолжува да се шири и дека други криминални групи веќе ја преземаат истата тактика на регрутирање ранливи тинејџери за насилни дејства.

Scroll to Top