Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен

Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.

Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.

Лоша логистика и ограничен капацитет

Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.

„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.

Летови кон повеќе европски и светски дестинации

Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.

Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.

Студен бран во регионот

Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.

Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.

Scroll to Top