Паузирани преговорите меѓу САД и Иран по заканите од Трамп

Преговорите меѓу Иран и САД во Швајцарија се „паузирани, но не и завршени“, соопшти ирански извор за Ројтерс, во услови на зголемени тензии и меѓусебни закани меѓу двете страни.

Според истиот извор, иранската делегација реагирала остро на најновите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп и наводно во знак на протест го напуштила местото на разговорите.

Ирански претставник исто така порачал дека нема да се разговара за други теми доколку не дојде до прекин на конфликтот во Либан.

Тензии на релација Техеран – Вашингтон

Иранските државни медиуми претходно објавија дека во првата рунда разговори не било отворено прашањето за иранската нуклеарна програма. Според иранската државна телевизија ИРИБ, првата сесија од околу 80 минути била фокусирана на меморандум од 14 точки, со посебен акцент на ситуацијата во Либан.

Во меѓувреме, главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф изјави дека САД се во „очајна ситуација“ и порача дека иранските вооружени сили се подготвени за одговор доколку биде потребно. Тој нагласи дека Техеран „не ги сфаќа сериозно“ американските закани.

Трамп: Можна контрола врз Ормутскиот теснец

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД би можеле да „го преземат“ Ормутскиот теснец доколку не се постигне договор со Иран.

Тој упати остри закани кон иранската страна и рече:

„Затворете го и нема да имате држава“, изјави Трамп, додавајќи дека Иранците „нема ни да се вратат во својата земја“.

Трамп додаде дека САД би можеле да станат „чувар“ на Ормутскиот теснец и да наплатуваат за транзит на нафта, наведувајќи дека низ теснецот дневно минуваат околу 19 милиони барели нафта.

„Можеби ќе го преземеме теснецот ако биде потребно. Ќе ги разнесеме“, порача американскиот претседател.

Израел и Хезболах во фокусот на преговорите

Во паралелни изјави, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори дека израелските сили ќе останат на југот на Либан „колку што е потребно“ и дека Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје.

Во исто време, лидерот на Хезболах, Наим Касем, предупреди дека групата ќе одговори на секое прекршување на примирјето од страна на Израел, нагласувајќи дека израелските сили нема да останат во Либан.

Scroll to Top