Песков: Украина ќе ја плати цената за нападите врз руската инфраструктура

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Украина „мора и ќе ја плати цената“ за нападите врз руската цивилна економска инфраструктура.

„Би сакал да ве потсетам на изјавата на претседателот Владимир Путин дека украинската страна, поточно режимот во Киев, ја прошири листата на цели во рамките на руската цивилна економија. Она што нашите вооружени сили го прават сега е одмазда за тоа. Украина мора и ќе ја плати цената за овие дејствија“, рече Песков.

Зборувајќи за работата на странските амбасади во Киев, Песков изјави дека одлуките за работата на дипломатите остануваат кај земјите што имаат дипломатски мисии таму.

„Специјалната воена операција продолжува. Всушност, нашето Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана постојано издаваат соодветни известувања. Одлуката зависи од земјите што имаат дипломатски мисии во Киев. Нашата армија ги продолжува своите операции“, изјави Песков за новинарите.

Руското Министерство за надворешни работи претходно објави дека странските граѓани и дипломати кои не го напуштиле Киев, според Москва, свесно ги ставаат своите животи во опасност.

Коментирајќи ги медиумите што пишуваат за приближување на естонските трупи кон руската граница како дел од стратегијата за „активна одбрана“, Песков рече дека Министерството за одбрана на Русија и другите надлежни служби имаат потребни разузнавачки капацитети за следење на ситуацијата по должината на руските граници.

Британските медиуми претходно објавија дека Естонија приближува одредени воени единици кон границата со Русија како дел од новата стратегија за „активна одбрана“.

Scroll to Top