Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, утре нема да работат, објавија денес грчките власти.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара.
Одлучуваме врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалијас, пренесува Катимерини.
Тој рече дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултација со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Во областа источен Мани и општина Евротас, издадени се предупредувања поради лизгање на земјиштето и обилни врнежи од дожд, пренесува Танјуг.
Додека на делот од националниот пат Спарта – Гитео, сообраќајот е целосно во прекин, откако патот е поплавен на повеќе места, а сообраќајот е привремено пренасочен преку заобиколни патишта.
Фото: ЕПА







