Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Русија „ќе го окупира целиот регион Донбас во Украина со сила, ако украинската армија не се повлече“.
„Или ќе ги земеме овие територии со сила, или украинската армија ќе си замине“, рече Путин во интервју за „Индија Тудеј“.
Украина објави дека „нема да ѝ даде дел од својата територија на Русија“, а претседателот на Украина Володимир Зеленски додаде дека „Москва не треба да биде наградена за војната што ја започна“, објави Ројтерс.
Русија моментално контролира над 19 проценти од територијата на Украина, а во преговорите со САД за крајот на војната, Москва нагласи дека сака да го контролира целиот Донбас, дел од Украина што се состои од два региона, Донецк и Луганск, според написите.
Во 2022 година, Кремљ објави дека украинските територии Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје сега ѝ припаѓаат на Русија, но повеќето земји сè уште ги сметаат овие региони за дел од Украина.
Во вторникот, Путин разговараше и со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, и изјави дека Русија „прифатила некои американски предлози“, но дека преговорите продолжуваат.
Фото: ЕПА







