Руските власти ќе продолжат да работат на создавање безбедносна зона на границата со Украина, објави денес рускиот претседател Владимир Путин.
„Ќе продолжиме да дејствуваме на овој начин сè додека не ја отстраниме заканата за нашите погранични региони“, рече Путин.
Тој рече дека е потребно да се спроведат мерки за помош на локалното население погодено од поплавите, вклучително и оние во Курската област.
„Веќе разговаравме за тоа со владата и ќе разговараме повторно за тоа. Мораме да создадеме услови луѓето да останат на својата земја и да имаат можност не само да обноват сè што е изгубено, туку и да продолжат напред и да се развиваат“, рече Путин, како што објави агенцијата Интерфакс.
Тој нагласи дека успехот на руските победи лежи во единството на нејзиниот народ.
„Имаме многу примери каде што токму единството на луѓето обезбеди големи победи и достигнувања на татковината. Дури и денес сме свесни дека најважно е да бидеме заедно, дека само преку нашето единство ќе ги постигнеме целите на специјалната воена операција, а преку солидарност и лична одговорност на секој на свое место, ќе ги постигнеме стратешките приоритети на земјата и приоритетите на развојот на нашата земја во долгорочна историска перспектива“, истакна Путин.
Тој исто така рече дека за прв пат жителите на „новите руски региони“, односно Донецк (ДНР), Луганск (ЛНР), Запорожје и Херсон, кои Русија ги анектираше во 2022 година, ќе учествуваат на изборите за Државната дума во септември.
„Би сакал да ве потсетам дека изборите за Државната дума ќе се одржат оваа есен. За прв пат ќе учествуваат жителите на нашите четири историски региони обединети со Русија“, рече Путин.
Како што изјави, и покрај фактот дека изборите ќе се одржат во тешко време, сите обиди на противниците да ја дестабилизираат ситуацијата „ќе бидат осуетени“, пренесува Танјуг.







