Руските сили собориле 300 украински дронови и погодиле складишта со ракети „Сапсан“, додека во регионот Донецк се водат жестоки борби во кои украинските сили се обидуваат да го запрат руското напредување, тврди руското министерство за одбрана, а известуваат и воени блогери, пренесува „Ројтерс“.
Руското министерство за одбрана навело дека руските сили зазеле поволни позиции во близина на населеното место Золотиј Колодјаз во регионот Донецк, иако проукраинските карти покажале дека украинските сили успеале да го сопрат рускиот продор.
Според соопштението на министерството, воените авиони, дронови и ракети биле користени за напади врз украинските складишта со ракети Сапсан низ целата земја.
„Четири воздушни бомби и 300 беспилотни летала биле соборени од системите за противвоздушна одбрана“, стои во соопштението на министерството.
Украина неодамна воведе во употреба сопствен балистички систем „Сапсан“ (познат и како „Хрим-2“), развиен за да ги замени советските ракети и да ја зајакне домашната одбрана. Станува збор за проектили со дострел до околу 300 километри, со боева глава тешка речиси половина тон, кои можат да летаат со брзина поголема од 5 Мах.
Таквите карактеристики го ставаат во ранг на рускиот „Искандер“ и го прават исклучително тежок за пресретнување со постоечките системи за противвоздушна одбрана.
Според украинските и западните извори, „Сапсан“ првпат бил употребен во борба во мај оваа година, а по успешното тестирање започнала и сериската продукција. Ракетата е наменета за прецизни удари по стратешки цели како командни центри, складишта за муниција, логистички јазли и воздушни бази, а домашното производство ѝ дава на Украина дополнителна стратешка автономија и го намалува ослонувањето на сојузничките испораки.