Поранешниот француски претседател Никола Саркози изјави дека Западот го изгубил својот статус на глобален центар на моќ, нагласувајќи дека светскиот поредок се менува неповратно. Во интервју за „Ле Поинт“, Саркози оцени дека земјите од Западот сега се во подредена позиција во однос на огромниот демографски и геополитички центар на гравитација на Азија.
„Западот повеќе не е центар на светот“, рече Саркози, нагласувајќи дека „ова се реалностите на демографијата и географијата“. Тој потсети дека околу 800 милиони луѓе живеат во западните земји, додека Азија има четири милијарди. Според него, ниедна клучна мултилатерална структура повеќе не функционира на меѓународно ниво, а глобалната архитектура „мора да се преосмисли“.
Оценката на Саркози следува по неодамнешната изјава на финскиот претседател Александар Стуб, кој прогласи крај на либералниот поредок предводен од Западот.
На истиот ден кога ја даде оваа извонредна геополитичка анализа, Саркози ја претстави и својата нова книга „Дневникот на еден затвореник“, во која за прв пат детално ги опиша 20-те дена што ги помина зад решетките на парискиот затвор Ла Санте, откако беше кривично осуден за нелегално финансирање на претседателската кампања во 2007 година со пари од Либија.
Во книгата, која е во продажба денес, поранешниот претседател на Франција го опишува затворот како „бурен, суров, целосно сив свет“ исполнет со постојана бучава и атмосфера на закана.
„Добредојдовте во пеколот. Најнечовечкото насилство беше секојдневниот живот на ова место“, напиша Саркози, опишувајќи ja својata самица – соба со тврд душек, пластична перница и тенок млаз млака вода од тушот. Тој истакнува дека само во изолацијата на затворските ѕидови добил „нова перспектива“ за прашањето на криминалот и казната.
Според него, самицата во затворот била прекината само од посети на неговата сопруга, Карла Бруни, и адвокат. Саркози, исто така, открива дека за време на неговиот престој во затворot разговарал по телефон со Марин Ле Пен, поранешна жестока политичка соперничка, за која сега вели дека „не претставува опасност за Републиката“, иако не се согласува со нејзините економски идеи.
Покрај личните впечатоци, Саркози во книгата понудил и политички совети на својата Републиканска партија, повикувајќи ја да најде пат до гласачите на екстремната десница, бидејќи, како што истакнува, овие гласачи ја претставуваат реалноста на современа Франција.
Саркози, првиот француски лидер од 1945 година што завршил во затвор, наскоро ќе започне промотивна турнеја за објавување на неговата книга. Првиот настан беше најавен за 13 декември во Нежи-сер-Сен.
Сепак, неговата судска постапка не е завршена. Во март следната година ќе се разгледа жалбата против пресудата, а доколку таа биде потврдена, Саркози може да се врати во затвор на подолг период. Покрај тоа, тој се соочува со ново судење за наводен обид за влијание врз сведок во истиот случај.
Фото: депозитфотос







