Косовската полиција вечерва употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои го блокираа Собранието во Приштина и не им дозволуваа на пратениците да ја напуштат зградата.
Демонстрантите, меѓу кои има поддржувачи и поранешни припадници на ОВК, бараат што побрзо усвојување на измените на Законот за Специјализираните совети во Хаг.
Предложените измени, иницирани од Демократската партија на Косово (ДПК), значително би ги ограничиле надлежностите на судот во Хаг. Дел од случаите би се префрлиле во Косово, максималната затворска казна би се ограничила на 15 години, а би се овозможило и претседателско помилување.
Предлог-законот денеска беше усвоен во прво читање со 91 глас, но не беше постигнат договор за одржување уште една седница на која би се гласало и во второ читање.
Поради тоа демонстрантите ги блокираа излезите од Собранието и бараа пратениците да останат во зградата додека не биде одржано второто гласање. Во текот на денот беше фрлана пиротехника, а беа оштетени и прозорци.
Полицијата вечерва употреби солзавец за да ги расчисти излезите, по што пратениците на Самоопределување ја напуштија зградата.
Спорот се случува еден ден пред истекот на рокот за избор на претседател на Косово. ДПК го поврзува своето учество во изборот на претседател со усвојувањето на измените на законот. Доколку до 6 октомври не биде избран претседател, Собранието треба да биде распуштено и да се распишат нови парламентарни избори.







