Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот

Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.

Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.

„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.

Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.

Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.

„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.

Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.

Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.

Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.

Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.

Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.

Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

Scroll to Top