Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, оваа недела патува во Пакистан, каде што, по налог на Доналд Трамп има задача да го претвори кревкото примирје со Иран во траен мировен договор, објавува „Гардијан“.
За 41-годишниот Венс, кој не се појавуваше во јавноста за време на конфликтот на Блискиот Исток, ова ќе биде еден од клучните моменти во неговата кариера. Но, човекот кој многумина го гледаат како фаворит на претседателските избори во САД во 2028 година се соочува со огромни предизвици кога ќе започнат разговорите во Исламабад во сабота, објавуваат АФП и „Њујорк тајмс“.
Висок ризик, висока награда
Арон Волф Манес, експерт за улогата на американскиот потпретседател во надворешната политика од Универзитетот во Мериленд, за АФП изјави дека потегот е невообичаен. „Не се сеќавам дека потпретседател некогаш водел вакви формални преговори“, рече тој. „Ова е ситуација со висок ризик и висока награда“.
Од противник на војната до миротворец
Венс го изгради својот политички имиџ како отворен противник на интервенционизмот, залагајќи се Америка да се држи подалеку од нови војни во странство. Тој став го стави во незгодна позиција откако Трамп започна војна со Иран.
„Њујорк тајмс“ оваа недела објави дека Венс, во разговори зад затворени врати неколку недели пред почетокот на војната, се спротивставил на воената акција. Тој тврдел дека тоа би можело да предизвика хаос во регионот и да ја подели гласачката база на Трамп. Сепак, Венс сега се наоѓа во неочекуваната улога на дипломатски претставник на Трамп за постигнување договор со Иран.
Преговори во Исламабад
Венс ќе биде придружуван на патувањето од специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Една теорија за тоа зошто потпретседателот е избран за оваа мисија е дека Иранците можеби го гледаат како поприфатлив партнер во преговорите, со оглед на неговото добро познато противење на војната и општ скептицизам во врска со американскиот интервенционизам.







