Трамп до Мадуро: Мора да ја напуштите земјата

Претседателот на САД, Доналд Трамп, наводно му поставил ултиматум на венецуелскиот претседател Николас Мадуро веднаш да се откаже од власта, но Мадуро одбил, барајќи „глобална амнестија“ за себе и неговите сојузници, објави денес „Мајами Хералд“, повикувајќи се на неименувани извори.

„Можете да се спасите себеси и вашите најблиски, но мора да ја напуштите земјата сега“, наводно му рекол Трамп на Мадуро за време на телефонскиот разговор минатата недела, нудејќи безбеден излез за Мадуро, неговата сопруга и син „само ако Мадуро се согласи веднаш да поднесе оставка“.

Мадуро наводно одбил и упатил низа контрабарања, вклучувајќи имунитет од гонење во целиот свет и дозвола за откажување од политичка контрола, но задржување на контролата врз вооружените сили, според написите.

„Мајами Хералд“ објави дека немало понатамошен директен контакт меѓу Трамп и Мадуро, иако Мадуро наводно побарал втор повик минатиот викенд откако Трамп го прогласи воздушниот простор на Венецуела за „целосно затворен“.

Американскиот весник наведува дека разговорите биле посредувани од Бразил, Катар и Турција.

Трамп вчера потврди дека разговарал со Мадуро по телефон, но не даде никакви детали.

„Не сакам да коментирам ништо, но одговорот е да. Не би рекол дека поминало добро или лошо. Тоа беше телефонски разговор“, рече Трамп, според медиумите во регионот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top