Трамп сака промена на режимот во Куба до крајот на годината

Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да поттикне промена на режимот на Куба до крајот на годината, охрабрена од недамнешното апсење на венецуеланскиот лидер Николас Мадуро, пишува „Волстрит џурнал“. Белата куќа се надева дека преку пронаоѓање сојузници внатре во кубанската власт може да се постигне договор што брзо би довел до смена на раководството на островот, со кој од 2019 година владее Мигел Дијас-Канел.

Американски претставници одржуваат состаноци со кубански емигранти и претставници на граѓанското општество во Мајами и Вашингтон, со цел да идентификуваат можни соработници во кубанскиот систем. Притоа укажуваат дека акцијата во Венецуела на 3 јануари била овозможена од агент од најтесниот круг на Мадуро и дека тоа треба да биде предупредување за Куба.

Трамп изразил намера за повторно воспоставување американска доминација во Латинска Америка, што неговите сојузници го нарекле „Донро доктрина“, алузија на Монроовата доктрина од 1823 година. По апсењето на Мадуро, Трамп ѝ се закани на Куба преку социјалните мрежи, порачувајќи дека „нема да има повеќе нафта и пари“, но САД јавно не се заканиле со воена интервенција.

Куба се соочува со сериозни економски проблеми, недостиг од основни производи, масовно иселување и енергетска криза. Економистите предупредуваат дека земјата, која сега зависи од нафта од Мексико и Русија, може да остане без резерви за неколку недели.

Scroll to Top