Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека дел од западните политичари, по, како што рече, неуспешната стратегија за пораз на Русија преку војната во Украина, се обидуваат да предизвикаат директен конфликт меѓу НАТО и Русија.
Фицо оцени дека Европа е поблиску од кога било до војна од големи размери и порача дека војната во Украина не е ниту словачка ниту војна на НАТО.
„Одредени воени јастреби во НАТО се обидуваат по секоја цена оваа војна да ја претворат во конфликт меѓу Русија и НАТО“, рече Фицо, додавајќи дека Словачка нема да испраќа војници врз основа на, како што го нарече, измислен повод.
Неговите изјави доаѓаат во време кога европски лидери предупредуваат на руски хибридни напади. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија ја засилува кампањата на хибридни напади во Европа, додека полскиот премиер Доналд Туск, повикувајќи се на разузнавачки информации, предупреди на можни напади со дронови и ракети врз земји што ја поддржуваат Украина.







