Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, планира да патува во Австралија овој месец со цел да склучи договор за безбедност и трговија, изјави извор запознаен со преговорите.
Нејзината посета ќе следи по состанокот меѓу европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, и неговиот австралиски колега, Дон Фарел, кој ќе се одржи во Брисел следната недела, изјави друг извор, објави бриселскиот портал „Политико“ без да ги именува соговорниците бидејќи распоредот на состанокот е сè уште неизвесен.
ЕУ и Канбера се стремат да ги обноват трговските разговори кои пропаднаа на крајот од 2023 година поради несогласувања околу квотите за говедско и јагнешко месо.
Преговорите меѓу Канбера и Брисел за квотите сè уште се во тек, изјави извор запознаен со разговорите.
Фон дер Лајен ќе отпатува со 20-часовен лет до Австралија директно по учеството на Минхенската безбедносна конференција, која се одржува во тој германски град од 13 до 15 февруари, објави австралискиот дигитален весник „Најтли“, кој прв ја објави веста за четиридневната посета на шефот на Европската комисија.
Минатиот декември, земјите од ЕУ ја овластија Комисијата да преговара за договор за одбрана со Австралија.
Склучувањето на таков договор би следело по потпишаните безбедносни и одбранбени партнерства со Велика Британија, Канада и неодамна со Индија.
Договорот со Австралија би бил успех за ЕУ, бидејќи би обезбедил пристап до огромните резерви на стратешки минерали во земјата.
Австралија е најголемиот производител на литиум во светот и има втори најголеми резерви на бакар во светот.







