Франција денес соопшти дека одлучила да мобилизира три борбени авиони „Рафал“ за заштита на полскиот воздушен простор и источна Европа заедно со НАТО, по руските упади со беспилотни летала во Полска, додека Германија изјави дека ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО.
„Вчера му го дадов ова ветување на полскиот премиер Доналд Туск“, објави францускиот претседател Емануел Макрон денес на Икс, додавајќи дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со британскиот премиер Кир Стармер.
„Нема да попуштиме пред зголеменото заплашување од Русија“, рече тој.
Германија, исто така, ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО по инцидентот со дроновите во Полска, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус.
Тој рече дека војската на германскиот Бундесвер ќе го прошири и продолжи својот воздушен надзор над Полска. Два борбени авиони „Еурофајтер“ на Бундесвер веќе извршуваат извидувачки летови над Полска, кои беа планирани до 30 септември. Тие полетуваат од нивната база во близина на северниот германски град Росток.
фото: принтскрин







