Франција реагира по историскиот резултат на АфД: Национализмот и ксенофобијата не се решение

Францускиот министер за Европа Бенжамен Адад денеска изјави дека победата на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) на покраинските избори во Саксонија-Анхалт е „сериозен момент за Европа“, повикувајќи истовремено да се одговори на стравовите и загриженоста на граѓаните, но и да се бранат демократските вредности и европскиот проект.

„Ова е сериозен момент за Европа, да гледа како крајната десница победува на регионални избори во Германија“, напиша Адад во објава на социјалната мрежа Икс.

Тој оцени дека „со понизност мора да се слушнат гневот, загриженоста и стравовите“ на граѓаните и дека на нив мора да се одговори.

„Национализмот и ксенофобијата никогаш нема да бидат решение. Никогаш не смееме да престанеме да ги браниме нашите демократски вредности и европскиот проект“, порача францускиот министер, нагласувајќи дека Европа никогаш не смее да ја заборави својата историја, пренесе „Еуроњуз“.

Алтернатива за Германија (АфД), предводена од Улрих Зигмунд, вчера убедливо победи на покраинските избори во германската сојузна покраина Саксонија-Анхалт со 43,8 отсто од гласовите, но не освои апсолутно мнозинство. Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на покраинскиот премиер Свен Шулце доживеа тежок пораз и со само 17,2 отсто од гласовите заврши на второто место, покажуваат прелиминарните резултати што изборната комисија ги објави во текот на ноќта.

Според прелиминарните резултати, АфД на изборите во неделата освои 43,8 отсто од гласовите – повеќе од двојно во однос на 20,8 отсто освоени на изборите во 2021 година. ЦДУ сега освои 17,2 отсто од гласовите, додека на претходните избори имаше 37,1 отсто. За Социјалдемократската партија на Германија (СПД) гласале 9,3 отсто од избирачите, во споредба со 8,4 отсто на претходните избори, пренесува „Билд“.

АфД, според прелиминарните резултати, повеќе од двојно го зголеми својот удел во гласовите, од 20,8 отсто во 2021 година на 43,8 отсто, што е најдобар резултат што некоја партија го постигнала на покраински избори во Германија во последните десет години.

Излезноста изнесувала 77,8 отсто, во споредба со 60,3 отсто во 2021 година, што е највисока излезност во Саксонија-Анхалт од обединувањето на Германија.

Scroll to Top