Палестинската милитантна група Хамас изјави дека нема да го положи оружјето сè додека не се воспостави независна палестинска држава. Во соопштението, Хамас наведува дека не може да се откаже од вооружениот отпор сè додека не се воспостави целосно враќање на палестинските национални права, од кои најважно е воспоставувањето независна, целосно суверена палестинска држава со Ерусалим како главен град, пренесува Ројтерс. Индиректните преговори меѓу Хамас и Израел, со цел постигнување 60-дневно примирје во војната во Газа и договор за ослободување на заложниците, минатата недела дојдоа во ќорсокак откако делегациите на САД и Израел се повлекоа од разговорите во Доха, Катар. Во тоа време, американскиот специјален претставник Стив Виткоф го обвини Хамас дека преговара без вистинска желба за договор.
