Шведска студија: Една петтина од жените воопшто не сакаат да раѓаат деца

Истражување на „Афтонбладет“ покажува дека 22 отсто од жените во Шведска на возраст од 20 до 45 години воопшто не сакаат деца, додека таков став имаат само 8 проценти од мажите. Резултатите укажуваат на загрижувачки демографски трендови и го објаснуваат падот на стапката на плодност низ Европа.

Минатата година стапката на плодност во Шведска падна на 1,43 – најниско ниво откако се води статистика од 1749 година. Просекот во ЕУ е 1,38. За одржување на бројот на населението без миграција потребни се околу 2,1 деца по жена.

Според податоците, најниска стапка имаат Малта (1,06), Шпанија (1,12) и Литванија (1,18), а највисока Бугарија (1,81) и Франција (1,66).

Мартин Колк, професор по демографија на Универзитетот во Стокхолм, оценува дека разликите меѓу желбите на жените и мажите за родителство се слични со трендовите во земји со многу ниска плодност како Јапонија, Јужна Кореја, Шпанија и Италија. Тој посочува дека останува прашањето дали младите ќе имаат деца подоцна или целосно ќе се откажат од родителството.

Најчести причини што ги наведуваат младите жени во Шведска за одложување на мајчинството се стабилни приходи, соодветен партнер, подобро домување и сигурна работа. Раѓањето деца сè повеќе се гледа како планиран проект, кој бара исполнување на повеќе услови.

Демографите предупредуваат и на таканаречена „демографска инерција“ – намалувањето на бројот на жени во репродуктивна возраст значи дека дури и мало подобрување на стапката на плодност нема брзо да го зголеми бројот на новородени. Во некои земји, како Италија, трендот можеби веќе тешко ќе се промени без имиграција.

 

Scroll to Top