Американскиот план за Украина бара дополнителна работа, се согласија челниците на 11 земји и ЕУ во заедничка изјава по состанокот на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург.
Тие сметаат дека нацртoт на американскиот мировен план за Украина претставува основа за понатамошна разработка, но дека поединечни точки, вклучувајќи ги предложените ограничувања за украинските вооружени сили, предизвикуваат сериозна загриженост.
Во изјавата стои дека нацрт-планот од 28 точки е темел кој бара дополнителна работа, а челниците истовремено изразуваат загриженост поради предложеното ограничување на украинските вооружени сили, што би ја направило Украина ранлива на идни напади.
Декларацијата ја потпишаа во име на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стуб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите Марк Карни од Канада, Михал Мартин од Ирска, Џорџа Мелони од Италија, Санае Такаичи од Јапонија, Дик Схоф од Холандија, Педро Санчез од Шпанија, Кир Стармер од Обединетото Кралство и Јонас Гар Сторе од Норвешка.
Во изјавата се признава дека американскиот предлог вклучува важни елементи што ќе бидат клучни за праведен и траен мир. Но повторуваат дека „се јасни во принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила“.
Потсетуваат и дека елементите од планот кои се однесуваат на ЕУ и НАТО бараат согласност од членките на ЕУ и НАТО и додаваат дека имаат намера да продолжат со тесната координација со Украина и САД во наредните денови.
Американскиот план во Киев се гледа со голема загриженост затоа што содржи неколку клучни руски барања: Украина се откажува од дел од територијата, прифаќа намалување на големината на својата армија и се откажува од членството во НАТО.
Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени подрачја.
Од друга страна, Украина би добила западни безбедносни гаранции за спречување на идни руски напади.
Планот предвидува и огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обновата на разурнатата земја, вклучувајќи основање на Украински фонд за развој со цел инвестирање во брзорастечки индустрии, меѓу кои технологија, дата-центри и вештачка интелигенција.







