Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, денес објави дека Иран влегол во преговорите со цел да го прекине конфликтот и да ги заштити своите права, вклучително и правото на збогатување ураниум, како и евентуално добивање воени репарации.
Според „Ал Џезира“, Багеи додаде дека размената на пораки со Соединетите Американски Држави продолжува по враќањето на делегациите од Исламабад, но истакна дека Иран не ги потврдува изјавите на западните медиуми за деталите од преговорите.
Кога станува збор за нуклеарната програма, Багеи истакна дека Техеран може да разговара за нивото на збогатување ураниум, но дека нема да се откаже од тоа право.
Според него, денес Техеран би можел да прими делегација од Пакистан, која, како што изјави, „ги разгледува ставовите на двете страни“.
Зборувајќи за безбедносната состојба, портпаролот оцени дека, како што рече, „американско-ционистичките дејствија“ се причина за прекини во поморскиот сообраќај во Ормутскиот теснец.
Тој исто така рече дека Иран ќе продолжи да го поддржува „отпорот во Либан“, наведувајќи дека крајот на конфликтот во таа земја е дел од договорот за прекин на огнот.
Во конфликтот меѓу САД и Израел со Иран, кој започна на 28 февруари, откако преговорите за нуклеарната програма на Иран не успеаја да постигнат договор, на 8 април беше постигнат договор за двонеделен прекин на огнот, што му овозможи на Пакистан да посредува во преговорите во Исламабад.
На 11 април, во Исламабад се одржаа преговори меѓу американската делегација, предводена од потпретседателот на САД Џеј Д. Венс, и иранската делегација, предводена од претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф, но не беше постигнат договор за траен мир, пренесува Танјуг.







