Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера разговараше по телефон со унгарскиот премиер Виктор Орбан, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери.
Главна тема на разговорот беше блокадата на Орбан на преговорите за пристапување на Украина со Европската Унија, според извори запознаени со ситуацијата, објави „Блумберг“.
Повикот на Трамп до Орбан следеше по состанокот во Белата куќа, каде што тој разговараше со европските лидери за начините за завршување на војната во Украина. За време на состанокот, европските лидери го замолија Трамп да го искористи своето влијание врз унгарскиот премиер за да го убеди да се откаже од своето противење на кандидатурата на Украина за членство во ЕУ, велат изворите.
Украина со години се обидува да се приклучи на Европската Унија и го гледа членството како дел од поширок пакет безбедносни гаранции што би спречиле нови руски територијални претензии доколку се постигне прекин на огнот.
За време на разговорот со Трамп, Унгарија изрази интерес да биде домаќин на следната рунда разговори меѓу Владимир Путин и Зеленски, според изворите. По разговорот, Трамп ги објави своите планови за организирање самит на лидери меѓу Русија и Украина, по што ќе следи трилатерален состанок на кој и тој би учествувал. Времето и локацијата на тие состаноци сè уште не се објавени.
Фото: ЕПА