Дванаесет државјани на Босна и Херцеговина се осомничени за воени злосторства извршени на територијата на Украина, пишува „Детектор“. Киев веќе година и пол чека од институциите на БиХ да достават клучни информации за овие лица, но досега не е добиен никаков одговор.
Од канцеларијата на украинскиот државен обвинител потврдуваат дека станува збор за лица за кои постојат основани сомнежи дека учествувале во воени злосторства како припадници на приватни воени компании. Во февруари 2024 година Украина доставила барање за меѓународна правна помош, барајќи податоци за нивниот престој во БиХ, како и нивно испитување и документација. БиХ одговорила дека лицата не се пронајдени на пријавените адреси, а претходната постапка сè уште трае.
Според „Европол“, овие 12 лица се дел од поголема група од 654 осомничени припадници на руските паравоени формации „Вагнер“ и „Редут“, под истрага за најтешки воени злосторства – сексуално насилство, погубувања на заробеници и цивили, како и употреба на забрането оружје. Во акциите во Украина и Молдавија биле запленети оружје, муниција, униформи и електронска опрема, а 11 украински државјани биле уапсени поради велепредавство.
Тужителството на БиХ соопшти дека „Европол“ не ги информирал за акцијата, но дека ќе воспостават контакт со европските партнери за да добијат дополнителни информации. Учеството во странски воени или паравоени формации во БиХ е кривично дело со минимална казна од три години затвор.







