(Видео) Нереди на протест за Газа во Милано, повредени 60 полицајци

Протестот во поддршка на Газа во Милано ескалираше во насилство, при што беа повредени околу 60 полицајци, од кои 23 се хоспитализирани, а 12 демонстранти добиле медицинска помош. Приведени се најмалку 10 лица.

Нередите избувнаа кај Главната железничка станица, каде што демонстранти облечени во црно се обидоа насилно да влезат во метро-станицата. Беа користени апарати за гаснење пожари, шишиња, канистри и барикади. Полицијата употреби палки и солзавец за да ја потисне групата.

Забележани се значителни оштетувања, вклучително и скршени стакла на влезот од станицата. Нередите доведоа до откажани и доцнети возови во Милано, со доцнења и над 2 часа.

Настанот беше дел од национален штрајк против израелската офанзива, организиран од синдикати и пропалестински групи. Протести се одржаа и во други италијански градови, вклучително и Неапол, Џенова, Ливорно и Трст, со блокирани пристапи до пристаништа и железнички станици.

Градоначалникот на Милано Џузепе Сала и министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози го осудија насилството, нагласувајќи дека вандализмот нема врска со поддршката за Газа и дека се работи за намерен напад врз полицијата.

Scroll to Top