Пожарникарите во текот на целата ноќ ги бранеа куќите и викендичките од големиот пожар што избувна кај Брбиње на Долги Оток, но огнот утрово сè уште не е ставен под контрола, соопштија надлежните служби.
Гаснењето го отежнуваат непристапниот и стрмен терен, како и густата макија, а во помош пристигнаа и канадери, пренесува „Индекс“.
На терен се околу 100 пожарникари, меѓу кои локални сили и 50 пожарникари од копното со 17 противпожарни возила. Во текот на ноќта пожарот се поделил на два крака, долги околу еден километар и 600 метри.
„Во текот на целата ноќ се работеше на активна одбрана на објектите, со оглед на тоа дека станува збор за остров на кој практично во секој залив има по една, две или три куќи и викендички. Сè беше успешно одбрането и нема штета“, изјави командантот на Противпожарната заедница на Задарската жупанија, Матеј Рудиќ.
Пожарникарите побарале помош од два канадери, кои утрово пристигнале на пожариштето за да помогнат огнот да биде ставен под контрола.
На островот пристигнуваат и дополнителни противпожарни сили.
Во текот на ноќта избувнале уште четири пожари на копнениот дел од Задарската жупанија, во подрачјата на Галовац, Земунник и Мостар. Сите биле ставени под контрола за околу еден и пол до два часа.







