(Видео) Украина создава „Армија на роботи“, целта е опасните задачи на фронтот да ги преземат машините

Поранешниот украински министер за одбрана и технолошки претприемач Михајло Федоров го претстави проектот „Армија на роботи“, со кој сака да ја забрза роботизацијата на војувањето и дел од најопасните задачи на фронтот да ги префрли од војниците на роботизирани системи.

Проектот беше претставен на конференцијата „ИТ Арена 2026“ во Лавов. Федоров оцени дека следниот голем технолошки чекор по масовната употреба на дронови е проширувањето на роботиката во копнените операции.

Според неговата визија, роботите би се користеле за евакуација на ранети, доставување муниција, поставување и отстранување мини, извидување, одбрана на позиции и напади врз цели.

„Во 2022 година ја започнавме Армијата на дронови. Сега ни е потребен следниот технолошки исчекор – роботизација на војувањето“, порача Федоров.

Проектот нема да биде една компанија, туку екосистем во кој ќе учествуваат одбранбени технолошки компании, инженери и истражувачки тимови. Планот е да се инвестира во стартапи, да се развиваат нови технологии, тие да се тестираат заедно со војската и успешно развиените решенија брзо да се произведуваат во поголеми количества.

Особено внимание ќе биде посветено на хуманоидните роботи, кои според Федоров би можеле да извршуваат едноставни, но опасни задачи во близина на линијата на фронтот – како носење муниција, замена на батерии или поставување сензори.

Федоров најави амбициозни цели за проектот, меѓу кои и развој на хуманоиден робот способен да изврши смртоносен напад врз руски војник во рок од шест месеци, како и прва заедничка операција на роботи и дронови поврзани преку алгоритми во рок од една година.

Украина веќе користи копнени роботизирани системи за логистика, доставување муниција и евакуација на ранети. Според украинското Министерство за одбрана, само во јануари тие извршиле повеќе од 7.000 борбени и логистички мисии, додека до јуни биле одобрени за употреба 50 нови модели на копнени роботизирани системи.

„Армијата на роботи“ е замислена како продолжение на моделот на „Армијата на дронови“, проект со кој Федоров беше поврзан од неговото започнување во 2022 година. Новата иницијатива моментално бара компании, инженери и експерти за роботика, како и технолошки директор или технички лидер.

Scroll to Top