„Волстрит џурнал“: Американската амбасадорка во Грција лобирала балкански земји да купуваат американски гас преку конкретна грчка компанија

Американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, лобирала кај балканските земји да купуваат американски течен природен гас (ЛНГ) преку фаворизираната грчка компанија „Актор груп“, се наведува во опширна истражувачка статија на „Волстрит џурнал“.

Во центарот на истражувањето се нејзините напори да посредува во енергетски зделки ширум Југоисточна Европа, како и контроверзните изјави во врска со смената на романската влада.

Според пишувањето на весникот, лобистот на компанијата „Актор“, Христос Марафакос, редовно присуствувал на состаноците на амбасадорката, иако неговата вистинска улога често не им била откривана на другите вклучени страни. Марафакос примил повеќе од 440.000 долари од клиенти поврзани со Грција – вклучително и 160.000 долари од самиот „Актор“ – додека странски функционери за „Волстрит џурнал“ изјавиле дека за време на состаноците на високо ниво претпоставувале дека тој е шеф на кабинетот на амбасадорката.

Покрај тоа, извршниот директор на „Актор“ организирал патување на Гилфојл во Бугарија со приватен авион.

Таквото лобирање му обезбедило на „Актор“ дваесетгодишен договор вреден шест милијарди долари за испорака на американски ЛНГ во Албанија, со проектирана добивка пред оданочување од 1,8 милијарди евра во текот на тој дваесетгодишен период. Конкурентските компании тврделе дека амбасадорката ги заобиколила за зделката да ја насочи кон „Актор“.

Гилфојл, поранешна водителка на „Фокс њуз“ и поранешна свршеница на Доналд Трамп Помладиот, го искористила својот мандат во Атина за енергично да го промовира „Вертикалниот гасен коридор“. Оваа енергетска рута е замислена за транспорт на американски течен природен гас од грчките терминали кон север, преку Бугарија и Романија, сè до Украина.

„Актор“, грчка градежна компанија која дури неодамна влезе во секторот за гас, склучила партнерство со грчки енергетски компании под државна контрола за да се позиционира како клучен посредник во тој коридор.

Официјалните податоци за лобирањето во САД покажуваат дека Марафакос се регистрирал како лобист за „Актор“ само неколку дена откако Гилфојл ја презела функцијата во Атина.

Адвокатот на американската амбасадорка ги отфрлил наводите за фаворизирање, тврдејќи дека сите нејзини состаноци биле организирани преку официјални канали и дека Гилфојл еднакво соработувала со сите компании во енергетскиот сектор.

Закани со уривање на влада

Истражувањето на „Волстрит џурнал“ открива и детали од вечера одржана во Атина во март 2026 година, на која присуствувале грчки и американски функционери.

Според најмалку еден од учесниците и други извори кои дознале за настанот непосредно потоа, Гилфојл го споменала претстојниот пад на романската влада и му рекла на грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру:

„Тоа можеме да ѝ го направиме на која било земја што ќе ја посакаме. Можеме и овде.“

Според истите извори, Папаставру одговорил дека Соединетите Американски Држави не можат да сменат влада избрана од граѓаните.

Адвокатот на американската амбасадорка ја оспорил оваа верзија од разговорот, а снимка од вечерата до денес не е јавно објавена.

Владата на романскиот премиер Илие Болојан, која беше на власт од јуни 2025 година, падна на 5 мај 2026 година, откако Социјалдемократската партија (ПСД) се повлече од коалицијата и го поддржа гласањето недоверба заедно со десничарската партија АУР.

Предлогот за уривање на владата беше усвоен со 281 глас „за“ и само четири гласа „против“.

Тајна средба во Букурешт и снимка со опозицијата

Во месеците што му претходеле на падот на владата, Болојан одбивал меморандумот од ноември 2025 година да го претвори во обврзувачки договор.

Според тој меморандум, романскиот „Трансгаз“ и компанијата „Нова пауер енд гас“ планирале да склучат договор со фирмата „Атлантик-СЕЕ ЛНГ“ за увоз до 1,4 милиони тони американски гас годишно – но по цени значително повисоки од пазарните.

Во јануари, тогашниот министер за енергетика Богдан Иван испратил допис до претседателот и премиерот, барајќи изречно овластување за склучување на зделката, и покрај фактот што Романија произведува сопствен гас и очекува големи количини од проектот „Нептун дип“ во Црното Море, почнувајќи од 2027 година.

Непосредно пред падот на владата – на 31 март 2026 година – Гилфојл престојувала во Букурешт по повод енергетска конференција организирана од списанието „Економист“.

Истата вечер била фотографирана во ресторанот „Изолета“ на вечера со лидерот на ПСД, Сорин Гриндеану, министерот Богдан Иван и советникот на претседателот Флорин Владика.

Фотографиите и снимките од таа средба набргу се појавиле во јавноста.

Гриндеану потврдил дека за време на вечерата се разговарало за потенцијалната улога на Романија во транзитот на гас преку „Вертикалниот гасен коридор“, но ги отфрлил наводите за заговор за уривање на владата како целосна измислица.

Сенаторот од партијата АУР, Петришор Пеју, кој учествувал во изработката на предлогот за гласање недоверба на владата, изјавил дека Гилфојл со никакви идеи не придонела за тој процес, ниту пак била меѓу 281 пратеник кои гласале против премиерот.

Притисок или преувеличена приказна?

По извештајот на „Волстрит џурнал“, романските медиуми веднаш ги поврзале нејзините изјави од Атина со непотпишаниот меморандум за скап американски течен природен гас, тајната вечера забележана на снимка и падот на владата на Болојан во мај, толкувајќи ги тие настани како отворен притисок и трговија со влијание.

Други медиуми, вклучително и весникот „Евениментул Зилеи“, обвиниле дел од редакциите за преувеличување засновано само на еден анонимен детал од поширока приказна за судир на интереси.

Не постојат официјални документи кои докажуваат дека Вашингтон директно го оркестрирал падот на романската влада.

Сепак, официјалните податоци потврдуваат низа факти: лобист на приватна компанија седел веднаш до американската амбасадорка, грчката компанија обезбедила договори вредни повеќе милијарди долари, контроверзниот меморандум за гас никогаш не прераснал во конечен договор, била снимена вечера со лидери на опозицијата, а владата која го одбила скапиот гас била соборена набргу потоа.

Самиот „Волстрит џурнал“ не тврди експлицитно дека САД ја собориле владата на Болојан.

Наместо тоа, весникот изнесува наводи за тоа што американската амбасадорка зборувала и правела додека агресивно ја застапувала продажбата на американски гас преку фаворизиран приватен посредник.

Scroll to Top