Конгресот на САД вчера одржа сослушување поврзано со воениот буџет од 1,7 милијарди долари, што го побара администрацијата на Доналд Трамп за 2027 година.
Според заменик-секретарот Џулс В. Херст, моменталната проценка на Пентагон за трошоците за војната со Иран е 25 милијарди долари. Ова е прв пат Пентагон јавно да сподели бројка за трошоците на САД за војната во Иран.
Сослушувањето траеше шест часа, а зборуваше и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, бранејќи го предложениот буџет. Хегсет одби да каже колку би можеле да се зголемат трошоците за војната во Иран.
Сослушувањето беше бурно, а демократот Адам Смит ја доведе во прашање оправданоста за војната.
„Моравме да ја започнеме оваа војна, штотуку рековте, пред 60 дена затоа што нуклеарното оружје беше непосредна закана. Сега велите дека е целосно уништено“, праша Смит, на што Хегсет одговори дека Иран не се откажал од своите нуклеарни амбиции.
Хегсет нагласи дека воената акција останува неопходна за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје.
Пратениците од двете партии изразија загриженост за трошоците за операцијата и поширокото влијание на војната врз американските даночни обврзници. Сепак, министерот за одбрана ја бранеше стратегијата на администрацијата.
„Прашањето што треба да се постави е колку вреди да се осигури дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје“, рече Хегсет.
Тој ги отфрли критиките за војната, сугерирајќи дека спротивставувањето на воената операција ги поткопува американските интереси, а во еден момент обвини одредени членови на Конгресот за „повторување на пропагандата на непријателот“.
Планираното зголемување на буџетот на Пентагон за речиси 40 проценти предизвика негодување и кај демократите и кај републиканците. Хегсет предложи да се користи механизмот за усогласување на буџетот за да се заобиколи двопартиското гласање, нагласувајќи дека администрацијата на претседателот Трамп ја смета националната безбедност за приоритет.
фото/Depositphotos







