Германија бара повторно враќање мигранти во Италија и Грција

Германија го заострува ставот за враќањето на мигрантите и бара повторно да се воспостават трансферите кон Италија и Грција, по стапувањето на сила на Пактот на ЕУ за миграција и азил на 12 јуни.

Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи изјавил дека функционирањето на Даблинскиот систем е неопходен услов за успешен европски систем за азил, додавајќи дека Берлин очекува трансферите кон Италија и Грција да продолжат.

Според Даблинската регулатива, барањето за азил вообичаено треба да го разгледа првата земја членка во која мигрантот влегол. Новиот пакт воведува и построги правила за движењето на мигрантите меѓу земјите членки.

Од италијанското Министерство за внатрешни работи, пак, велат дека „нема даблински мигранти“ кои Италија треба да ги прими назад од Германија. Според италијанските извори, случаите на мигрантите кои влегле во Италија пред 12 јуни и потоа заминале во друга земја членка веќе се решени според постојните договори.

За мигрантите кои пристигнале по 12 јуни, Италија најавува дека ќе се залага за примена на механизмот на компензација, кој би ги земал предвид и мигрантите што пристигнале во Италија со бродови на невладини организации под европско знаме.

Scroll to Top