Авганистански државјанин (35) вооружен со нож нападнал неколку лица на железничката станица во Вирцбург, Германија. Тој бил совладан од граѓани кои случајно се нашле на местото на настанот и им притрчале на помош на жртвите.
Напаѓачот се приближил до штандот и избодел 68-годишен маж, а физички нападнал уште двајца, на возраст од 55 и 51 година, соопшти полицијата. Тие се полесно повредени.
Полицијата го уапсила осомничениот, кој сега е во притвор, објавува британскиот „Дејли меил“. Органите за спроведување на законот го третираат случајот како обид за убиство.
Во извештаите на баварската полиција се наведува дека осомничениот бил во влезната сала на главната станица во Вирцбург – град во централна Германија, источно од Франкфурт – околу 7:50 часот по локално време.
– Неколку минувачи, вклучувајќи и еден полицаец во цивил, веднаш интервенираа и успеаја да го совладаат 35-годишникот. Полициската патрола набрзо пристигна на местото на настанот и успеа да го уапси осомничениот – изјави портпаролот на полицијата.
Областа е оградена, а криминалистичката полиција започна истрага на местото на инцидентот. Полицијата ги прегледува снимките од надзорните камери, а во тек е и претрес на станот каде што престојувал осомничениот Авганистанец. Истражителите, исто така, ги испрашуваат сведоците.







