Дронови во воздушниот простор на Романија во екот на рускиот напад, подигнати борбени авиони

За време на масивниот руски напад со беспилотни летала и ракети врз Украина во вторник наутро, наводно беспилотно летало влегло во воздушниот простор на членката на НАТО, Романија, соопштија украинските воздухопловни сили. Романското Министерство за одбрана потврди дека регистрирало два упади на беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор во текот на утрото, објавува „The Kyiv Independent“.

Романското Министерство за национална одбрана објави дека околу 6:30 часот по локално време, два германски авиони „Еурофајтер Тајфун“ биле испратени да ги пресретнат беспилотните летала во округот Тулча. Еден час подоцна, два американски борбени авиони Ф-16 полетале во друга погранична област, во округот Галаци.

Министерството додаде дека Ф-16 воспоставиле радарски контакт со дронот околу 7:50 часот наутро. За среќа, немало извештаи за повредени или материјална штета во Романија. Романските власти сè уште официјално не потврдиле дали беспилотните летала биле руски.

Ова не е прв пат беспилотни летала да го нарушат воздушниот простор на НАТО. Најновиот инцидент се случува во време на зголемени тензии, при што земјите во близина на Украина, вклучувајќи ги Полска, балтичките држави и Романија, ги засилуваат безбедносните мерки од страв од прелевање на конфликтот. Честите руски напади врз украинската пристанишна инфраструктура на Дунав, веднаш надвор од Романија, го држат Букурешт во состојба на висока готовност.

Сличен инцидент се случи во септември, кога руски дрон, исто така, влезе во романскиот воздушен простор, но не беше соборен и на крајот се врати во Украина, потврди тогаш министерот за одбрана Јонут Мостеану. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека дронот навлегол околу 10 километри во романска територија и останал во воздушниот простор на НАТО речиси 50 минути.

фото: принтскрин

Scroll to Top