Експлозив со разорна моќ пронајден во близина на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија

Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека специјалните единици на војската и полицијата пронашле експлозив со огромна разорна моќ во непосредна близина на гасоводот „Балкански тек“, кој ги поврзува Србија и Унгарија.

Сомнителни предмети биле пронајдени во непосредна близина на гасоводот во реонот на селата Велебит, Трешњевац и Војвода Зимоњиќ во општина Кањижа, објавија белградските медиуми.

Вучиќ појасни дека два големи пакети експлозив биле пронајдени со помош на кучиња трагачи на само неколку стотини метри од критичната гасна инфраструктура. Според неговите зборови, станува збор за материјал со таква разорна моќ што можел да предизвика огромна штета и да го загрози снабдувањето со енергенси на подолг период.

Претседателот објави дека веќе го информирал унгарскиот премиер Виктор Орбан за случајот, нагласувајќи дека „постојат одредени индиции“ за инцидентот за кои во моментов не смее јавно да зборува.

Опсежната безбедносна акција во општина Кањижа започна рано утрово по одобрение на Вишото јавно обвинителство во Суботица.

На теренот се ангажирани сите расположливи сили на Управата на криминалистичката полиција и Војската на Србија, вклучително и Специјалната 72-ра бригада.

Како што пренесуваат медиумите, операцијата се спроведува со силна координација од земја и од воздух, при што теренот постојано го надлетуваат хеликоптери.

Поради сериозноста на ситуацијата, полицијата и војската воведоа целосна блокада на повеќе патни правци, особено на потегот меѓу селата Трешњевац, Војвода Зимоњиќ и Велебит.

Безбедносните служби продолжуваат со детално пребарување на пошироката околина за да се осигури безбедноста на виталните објекти.

Scroll to Top