Експлозија погоди уште едно складиште за оружје во Бугарија

Силна експлозија предизвика пожар во складиште за оружје во централна Бугарија во текот на ноќта, јавија денеска локалните медиуми и официјални лица.

Ова е втора експлозија во воени постројки во последните неколку недели.

Нема извештаи за повредени во пожарот кој избувна во близина на селото Царева Ливада, а на видеоснимки објавени на социјалните мрежи може да се види како пожарот го осветлува ноќното небо.

– Во овој момент пожарот го зафати подрачјето на складишниот дел од фабриката. Се движи од складиште до складиште – изјави утрово регионалната гувернерка на Габрово, Кристина Сидорова.

Локалните медиуми јавија дека пожарот избувнал на локација со која управува компанијата ЕМКО, која минатиот месец претрпе експлозија во друга постројка, повикувајќи се на службеник на компанијата ЕМКО.

Компанијата ЕМКО ја води бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев, за кого бугарските обвинители тврдат дека во минатото бил мета на напади од руски оперативци врз неговите постројки, пренесе Хина.

Бугарија во 2024 година издаде налог за апсење на шестмина руски државјани обвинети за вмешаност во уништувањето на складиштата за оружје на ЕМКО во кои се складираше муниција за извоз во Украина и Грузија меѓу 2011 и 2020 година.

Обвинителите тогаш изјавија дека со причина може да се претпостави поврзаност меѓу експлозиите во Бугарија, обидот за труење на Гебрев во 2015 година и експлозиите во складиштата за муниција во Чешка во 2014 година.

Scroll to Top