Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина и САД подготвиле неколку нацрти на документи поврзани со безбедносни гаранции, обнова и рамка за завршување на војната со Русија, по неколку рунди разговори одржани за време на викендот во Мајами, објави „Кијив Пост“.
Зеленски наведе дека работата била продуктивна и дека документите се структуирани со цел да обезбедат „вистински крај на војната и да спречат трета руска инвазија“, но додаде дека и понатаму постојат разлики меѓу договореното на хартија и состојбата на бојното поле.
Разговорите уследија по дипломатски тензии предизвикани од протекување на американски мировен план од 28 точки, кој предвидувал откажување од членство во НАТО и територијални отстапки од страна на Украина. По реакцијата на Украина и европските партнери, бил подготвен алтернативен план од 20 точки, кој бил детално разгледан со американската страна.
Иако нацртот од 20 точки е речиси завршен, Зеленски призна дека некои одредби остануваат неприфатливи и за Киев и за Москва, а траен прекин на огнот сè уште е далеку.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите продолжуваат и дека „одат добро“, без да открие конкретни чекори или рокови. Украинските власти предупредуваат дека без јасни и применливи безбедносни гаранции, секој договор може брзо да пропадне.







