Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.







