По нов израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, еден од водечките ирански политички функционери упати остри критики кон САД, обвинувајќи ги дека немаат ниту волја ниту капацитет да ги исполнат своите обврски и дека со Израел играат стратегија на „добар и лош полицаец“.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад-Багер Галибаф, на платформата X изјави дека најновиот напад во областа Дахија уште еднаш покажува дека Вашингтон не го спречува дејствувањето на Израел. Тој додаде дека преку дозволување на такви напади не може да се постигнат никакви политички отстапки.
„Играта на добар и лош полицаец е застарена. Ако немате волја и капацитет да ги исполните обврските, не може да се зборува за продолжување на процесот“, порача Галибаф.
Во меѓувреме, според дипломатски извори, прашањето на Либан станува дополнителна точка на несогласување во пошироките разговори. САД наводно се обиделе Либан да остане надвор од евентуален договор за завршување на конфликтот, додека Иран инсистира земјата да биде вклучена, со цел да се сопрат израелските напади врз Хезболах.
Иранските воени структури исто така реагираа на нападите, најавувајќи дека тие „нема да останат без одговор“. Од друга страна, американскиот медиумски портал Aксиос објави дека Израел непосредно пред нападот ја информирал американската војска во регионот.







