Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) денес предупреди дека работата на здравствените власти не е завршена по успешната евакуација на повеќе од сто патници и членови на екипажот од крузерот MV Hondius, кој беше заразен со хантавирус.
„Нашата работа не е завршена“, предупреди Тедрос Аданом Гебрејесус за време на заедничката прес-конференција со шпанскиот премиер, Педро Санчез, во Мадрид, еден ден откако беше завршена евакуацијата од крстосувачот што отплови од Канарските Острови кон Холандија вчера вечерта, при што дел од екипажот остана на бродот.
„Со оглед на долгиот период на инкубација на вирусот, други случаи би можеле да се појават во наредните недели“, нагласи тој, додавајќи дека се надева оти земјите ќе ги следат советите и препораките на СЗО во борбата против хантавирусот.
Евакуираните патници на бродот се граѓани на дваесет земји. „СЗО има јасни упатства“, потсети тој, истакнувајќи дека СЗО го почитува националниот суверенитет.
„Не можеме да ги принудиме земјите да ги применуваат нашите протоколи. Можеме само да советуваме и препорачуваме“, рече тој.
„Препораката на СЗО е тие (евакуираните) да бидат под активен надзор, во одреден карантински центар или дома, 42 дена од последното изложување, што е 10 мај, што нè доведува до 21 јуни“, прецизираше тој.
„Ризикот е низок, и за населението на Тенерифе и на глобално ниво, и сите наши напори во текот на изминатата недела беа насочени кон одржување на тоа ниво“, додаде тој, велејќи дека ја сфаќа ситуацијата многу сериозно.
Од друга страна, шпанскиот премиер го поздрави успехот на евакуацијата. „На светот не му треба повеќе себичност, повеќе страв“, рече тој, алудирајќи на воздржаноста на поединците во Шпанија, а особено на Канарските Острови, кои одбија да прифатат брод за да ја извршат евакуацијата.
фото/ЕПА







