Куба остана без дизел и нафта за греење, изјави министерот за енергетика и рударство Висенте де ла О, предупредувајќи дека електроенергетскиот систем е во „критична состојба“.
Министерот изјави на државната телевизија дека прекините на електричната енергија во Хавана стануваат сè почести и продолжени, при што некои населби се без електрична енергија до 20 часа на ден. Кризата дополнително се влошува поради недостигот на храна, гориво и лекови.
Според него, националната електрична мрежа моментално работи исклучиво на домашна сурова нафта, природен гас и обновливи извори, но производството е ограничено поради недостаток на извори на енергија.
Сончева енергија како делумно решение
Куба инсталираше околу 1.300 мегавати сончева енергија во последните две години, но дел од капацитетот останува неискористен поради нестабилноста на мрежата и проблемите со снабдувањето со гориво, истакна министерот.
Преговори за увоз на гориво
Тој додаде дека властите продолжуваат со преговорите за увоз на гориво, и покрај санкциите на САД и глобалниот пораст на цените на нафтата и транспортот, што дополнително го комплицира снабдувањето.
„Куба е отворена за секој што сака да ни продаде гориво“, рече де ла министерот.
Министерот потсети дека по извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп во јануари, со која се најавува воведување царини за земјите што извезуваат гориво во Куба, испораките од традиционални извори како што се Мексико и Венецуела беа прекинати.
Оттогаш, според достапните податоци, само еден голем танкер со руско знаме испорача сурова нафта на островот.
Реакција на Обединетите нации
Минатата недела, Обединетите нации ги прогласија мерките на САД за нелегални, предупредувајќи дека тие го загрозуваат правото на кубанските граѓани на развој и пристап до храна, здравство и основни услуги.







