Маѓар: Претседателот, кој е марионета, веднаш да го свика парламентот

Петер Маѓар изјави дека Унгарија и Унгарците вчера испишаа историја, на својата прва прес-конференција по победата над Виктор Орбан на парламентарните избори.

Тој информираше дека неговата партија ќе има 138 од вкупно 199 пратеници во парламентот, иако дел од гласовите сè уште се пребројуваат, оценувајќи го резултатот како „мандат каков што досега не е виден“.

Маѓар ја обвини партијата Фидес дека зад себе имала „целосна пропагандна машинерија“, додавајќи дека владејачката партија управувала со целиот државен апарат.

Тој најави дека очекува брза и кратка транзиција на власта и го повика унгарскиот претседател Тамаш Шуљок што поскоро да го свика парламентот.

„Претседателот, кој е марионета, мора да го свика новиот парламент најдоцна 30 дена по изборите“, изјави Маѓар, додавајќи дека не треба да се чека до 12 мај.

Воедно, побара да му биде доверен мандат за состав на новата влада како лидер на најсилната партија, нагласувајќи дека „земјата нема време за губење“.

Маѓар оцени дека Унгарија под владеењето на Орбан била „ограбена, издадена, задолжена и уништена“, додавајќи дека станала „најсиромашната и најкорумпираната земја во ЕУ“, но вети дека неговата влада ќе ги претставува сите граѓани.

Scroll to Top