Германскиот канцелар Фридрих Мерц се залагаше за тоа да се дадат јасни гаранции дека ризиците од планираната употреба на замрзнатите руски државни средства за поддршка на Украина ќе бидат подеднакво распределени меѓу сите земји-членки на Европската Унија.
Во колумна објавена во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Мерц нагласи дека секоја земја треба да преземе „еднаков дел од ризикот во согласност со своите економски капацитети“, објави Ројтерс.
Вчера, Европската комисија презентираше предлог за употреба на замрзнатите руски средства или меѓународно задолжување со цел да се обезбедат 90 милијарди евра за финансирање на воените и основните државни потреби на Украина за време на војната.
Белгија, која го поседува најголемиот дел од овие средства, остана воздржана и посочи на неколку правни проблеми.
Мерц рече дека Белгија не може да се потпира само на политички ветувања и дека заслужува правно обврзувачки гаранции, нагласувајќи дека „не би било прифатливо една земја да носи преголем товар“, пренесува Танјуг.
Фото:ЕПА







