Најмалку 19 лица загинаа, а 10 се водат како исчезнати по обилните дождови и невремето што предизвикаа поплави и свлечишта во делови од Индија и соседен Непал, соопштија индиските власти.
Најтешко е погодена индиската сојузна држава Утар Прадеш, каде во последните 48 часа загинаа 15 лица, а петмина се повредени. Оштетени се 117 куќи, а силните дождови и невремето зафатија повеќе од 60 области.
Во период од 24 часа, заклучно со саботата, во делови од Утар Прадеш биле измерени врнежи 19 пати поголеми од вообичаените, според податоците на тамошните власти.
Во Непал, четири лица – три деца и една жена – загинаа откако свлечиште затрупало куќа додека семејството спиело во селото Ниши Кола, во округот Баглунг.
Дополнително, 10 непалски работници се водат како исчезнати откако лавина го затрупала нивниот камп во планинскиот дел на северниот округ Мананг. Работниците поставувале шатори за странски планинари, кои не биле присутни во кампот во моментот на несреќата.
Непалските власти издадоа предупредување за можни ненадејни поплави во 49 од вкупно 77 окрузи. Во повеќе од половина од нив постои висок ризик од поплави и поројни надојдени води, додека водостоите на големите реки и нивните притоки продолжуваат да растат.







