Невреме во Португалија: евакуација, поплави, излеани реки, затворени патишта

Речиси 400 инциденти се регистрирани во Португалија помеѓу полноќ и 8 часот наутро поради обилни врнежи од дожд, главно во пошироката област на Лисабон и западниот регион, без пријавени жртви, соопшти Националната администрација за вонредни состојби и цивилна заштита (ANEPC).

Претставникот на ANEPC, Елицио Переира, изјави за агенцијата „Луса“ дека во тој период се регистрирани вкупно 399 инциденти поврзани со лоши временски услови, пишува весникот „Корехо да Мања“.

Од тој број, 65 интервенции се регистрирани во пошироката област на Лисабон, додека 75 се регистрирани во западниот регион на земјата.

Според него, до 8:20 часот наутро властите немале информации за загинати или луѓе кои морале да ги напуштат своите домови.

Утрово имало уривање на пат во населба, во општина Лурес.

Пожарникарите интервенирале на терен, а на местото на настанот е испратено едно противпожарно возило со пет члена на службата.

Поради многу неповолните временски и морски услови, сообраќајот на речниот ферибот помеѓу Трафарија, Порто Брандао и Белем беше прекинат, откако беше прекината и врската помеѓу Касиљас и Каиш до Содре.

Според информациите објавени од компанијата на нејзината веб-страница во 7:04 часот наутро, речниот сообраќај е привремено прекинат и засега не е можно да се процени кога ќе се воспостават редовни линии помеѓу овие речни пристаништа во општините Алмада и Лисабон.

Прелевањето на реката Тагус предизвика поплави во крајбрежните области Аљандра и Вила Франка де Ксира, во пошироката област на Лисабон.

Поради поплавите, железничкиот сообраќај на Северната железница помеѓу Кастанџеира и Алверка беше прекинат, додека Националниот пат EN10 беше затворен во правец југ-север во близина на Вила Франка де Ксира.

Во округот Сетубал, во општината Алкасер до Сал, вкупно 89 лица беа евакуирани вчера и утрово поради поплави предизвикани од излевање на реката Садо.

Локалната цивилна заштита изјави дека нивото на водата во реката се зголемува поради плимата и дека е потребно да се почека постепено намалување на протокот.

Подрегионалниот командант за вонредни ситуации и цивилна заштита на Приморскиот Алентехо, Тијаго Буџо, изјави дека никој од евакуираните не е повреден и го пофали ангажманот на околу 80 припадници на противпожарната, полициската и општинската служба.

На северот од земјата, лизгање на земјиштето утрово во 4:33 часот доведе до затворање на Националниот пат EN222 во Вила Нова де Гаха, во округот Порто, во близина на мостот над реката Иња.

Заменик-командантот на пристанишната управа на Дуро, Педро Серванес, изјави дека стабилизацијата е постигната благодарение на координацијата со браните, но предупреди дека во случај на продолжување или интензивирање на врнежите, може да се воведат построги ограничувања на бреговите на реката.

Тој нагласи дека се спроведува координација со енергетската компанија EDP, Португалската агенција за животна средина (APA), службите за цивилна заштита и локалните власти.

Националната администрација за вонредни ситуации и цивилна заштита предупреди дека сè уште постои висок ризик од значителни поплави во областите долж реките Вуга, Мондего, Тагус, Сораја и Агеда, како и зголемен ризик од поплави поради зголемувањето на нивото на водата во реките Дуро, Кавадо, Аве, Лима, Тамега, Лис и Садо.

Од минатата недела, по минувањето на бурите „Кристин“ и „Леонардо“, вкупно 11 лица загинаа во Португалија, додека регистрирани се и неколку стотици повредени и раселени лица, пренесува Танјуг.

Фото: ЕПА

Scroll to Top